Илјадници посетители присуствуваа на првиот ден од музичкиот фестивал во „Стробери“ во саботата што се одржа во епицентарот на пандемијата која повеќе од една година го држи во карантин целиот свет. Вухан, градот од каде потекнува коронавирусот повторно се врати во живот, а традиционалниот музички фестивал, повторно се одржа со публика.

За разлика од лани, кога настапите беа онлајн, оваа година, на фестивалот во овој кинески град, луѓето танцуваа, скокаа, врескаа од воодушевување додека некои од нивните омилени музичари излегуваа на сцената.

Портпарол на организаторите за Ројтерс изјави дека бројот е ограничен оваа година, додавајќи дека во саботата на фестивалот имало околу 11 000 луѓе.

Беа поставени огради, а обезбедувањето го ограничи бројот на присутните. Некои носеа маски, но многумина не.

Луѓето во Вухан, каде што за прв пат се појави коронавирусот, живееја под сериозни ограничувања повеќе од два месеци минатата година за време на првиот карантин.

Сега градот, според официјалните податоци, е скоро целосно без заразени. Општиот тренд во последните месеци во Кина, бележи само неколку спорадични случаи.

Дводневниот настан обединува познати и помалку познати локални пејачи и бендови на три сцени во експо – паркот Вухан Гарден.

Музичкиот фестивал „Стробери“ се одржува и во други кинески градови, меѓу кои и во Пекинг, за време на националниот празник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.