Грција во Последните 24 часа ја бележи најголемата дневна бројка на заразени со корона вирусот од почетокот на епидемијата во земјата. Во исто време и Франција забележа нов дневен рекорд по укинувањето на карантинот.

Грчките здравствени власти пријавија 262 нови случаи на Ковид-19. Со тоа бројот на заразените во Грција од крајот на февруари, кога беше потврден првиот случај на болеста, изнесува 6.177 лица. Во овој период од болеста починале 216 луѓе.

Повторно најголеми жаришта на заразата се двата најголеми града во земјата, Солун со 85 нови случаи и Атина со 66 новозаразени.

Зголемувањето на бројот на заразените последните седмици ги поттикна грчките власти постепено да воведуваат ограничувања во екот на туристичката сезона. Од 17 август туристите кои доаѓаат од Шведска, Белгија, Шпанија, Холандија и Чешка ќе треба да докажат дека се негативни на вирусот „SARS-CoV-2“ за да можат да влезат во Грицја. Тестот не смее да биде постар од 72 часа.

Истите услови важат и за туристите кои велгуваат во Грција преку копнените премиени. Негативен тест од порано е потребен за патниците кои доаѓаат со авиои од Бугарија, Романија, Обединетите Арапски Емирати и Малта. Продолжена е и забраната за летови и од Турција до 31 август, а дозволени се летови од Македонија и Албанија само кон Атина.

Француското министерство за здравство во средата пријави 2.524 новозаразени со корона вирусот во последните 24 часа, што е нов дневен рекорд по укинувањето на карантинот. Вкупниот број на заразените во земјата изнесува 206.696 луѓе.

Седумдневниот просек се зголеми на 1.810 лица, најмногу од 24 април, кога епидемијата беше на врвот, а земјата беше во строг карантин. Неделниот просек, кој во април изнесуваше 4.537 новозаразени на дневно ниво, сега е поголем од илјада веќе две последователни две седмици, а стапката на заразата расте, според властите, затоа што милиони луѓе патуваат на одмор и не ја почитуваат физичката дистанца.

Портпаролот на Француската влада соопшти дека властите постепено ќе ги зголемат полициските контроли за да се осигури дека луѓето носат маски кога тоа е задолжително и ја почитуваат дистанцата.

Се наоѓаме на пресвртна точка…. Ќе ги мобилизираме полициските сили поради контрола – изјави портпаролот Габриел Атал.

Бројот на починатите во последните 24 часа се зголемил за уште 18 лица, на вкупно 30.371 смртен исход од Ковид-19, а неделниот просек изнесува 9 починати.

Бројот на новозаразените од корона вирусот во Шпанија во средата се зголеми за речиси 1.700 нови случаи, а овие податоци не го вклучуваат главниот град Мадрид, кој поради технички проблеми не доставил информации.

Од укинувањето на строгите рестриктивни мерки пред шест седмици, Шпанија настојува да го сузбие ширењето на корона вирусот. Иако во јуни просечниот дневен број на заразени беше помал од 150, во првите 12 дена од август секојдневно се регистрираат по околу 1.500 нови случаи на Ковид-19.

Поради ваквата состојба, шпанската војска забрзано гради нова полска болница во Сарагоса, главниот град на покраината Арагонија, регион кој во моментов е жариште на корона вирусот во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.