Три лица загинале во судар на два патнички воза, што се случи во југозападниот дел на Чешка, а десетици патници се повредени.

Чешките железници објавија дека во сударот учествувале локален патнички воз и меѓународен брз воз, што од Минхен се движел кон западниот чешки град Плзен и понатаму кон Прага, главниот град на Чешката Република.

Меѓу жртвите во несреќата што се случи во градот Милавче, се машиновозачите на двата воза и една патничка.

Десетици други лица се повредени, од кои пет потешко, се наведува во соопштението на Противпожарната и спасувачка служба на регионот Плзен.

Повредените со четири хеликоптери се пренесени во блиските болници, како и во Прага, додека тројца патници што зборувале германски јазик биле пренесени во болница во Германија.

Регионалната спасувачка служба соопшти дека на вкупно 52 лица им било потгребно згрижување. На чешките спасувачи во помош им притекнале нивните колеги од Германија.

Сликите од местото на несреќата покажуваат дека предниот дел од брзиот воз, со кој управуваат германската компанија „Лендербан“ и „Чешки железници“, е сериозно оштетен.

Чешкиот министер за транспорт, Карел Хавличек изјави дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка и дека машиновозачот на брзиот воз не застанал на одредено место.

Ситуацијата е сериозна – изјави министерот Хавличек.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.