Италијанската Влада преговара со земјите на Европската унија за рестартирање на европскиот туризам на 15 јуни и за отфрлање на таканаречените туристички коридори кои ја исклучуваат можноста за запирање во одредени земји, рече италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо.

– Тоа, на некој начин, ќе биде европски Д ден. Германија настојува да ги отвори своите граници на 15 јуни и ги советува граѓаните да одат на одмор во други земји во Европа, со Австрија работиме на тоа, а преговараме и со другите земји на ЕУ , изјави Ди Мајо за Раи1.

Италијанскиот министер за надворешни работи изрази надеж дека Италијанците ќе можат да летуваат во цела Италија, но истакна дека се потребни и странски туристи, особено „Германците, кои претставуваат многу важен дел“.

Италија претходно објави дека ќе ги отвори своите граници за државјани на ЕУ и Шенген зоната на 3 јуни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.