Австралиските власти соопштија дека 19 сегашни и поранешни војници ќе бидат испратени пред специјален истражител поради можно кривично гонење за наводно убиство на 39 локални жители во Авганистан, од кои повеќето биле затвореници и не биле вооружени.

Објаснувајќи ги наодите од долгоочекуваната истрага за однесувањето на персоналот на специјалните сили во Авганистан помеѓу 2005 и 2016 година, австралискиот генерал Ангус Џон Кембел, соопшти дека има веродостојна информација дека 25 припадници на австралиските специјални единици извршиле 39 нелегални убиства во 23 одделни инциденти.

Според извештајот, повеќето убиени, вклучително затвореници, земјоделци и други локални жители во Авганистан, биле заробеници кога биле убиени и затоа биле заштитени со меѓународното право.

Кембел изјави дека дека поради тоа, ќе биде ангажиран специјален истражител, кој ќе биде назначен наскоро, со цел да се утврди дали има доволно докази за војниците да бидат кривично гонети.

Сите овие убиства се случиле надвор од „жариштето на битката“ – изјави Кембел.

Тој додава дека ваквите откритија укажуваат на најсериозно кршење на правилата за однесување на војската и професионалните вредности.

Противправното убивање цивили и затвореници никогаш не е прифатливо – рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.