Кривичниот суд во Ватикан денеска обвини девет лица и четири компании за изнуда, злоупотреба на службената положба и измама во врска со инвестицијата на папскиот државен секретаријат од 350 милиони евра во градежен проект во Лондон.

Претседавачкиот судија Џузепе Пинатоне одреди на 27 јули за да започне судењето.

Обвинети се четворица поранешни претставници на Ватикан, од кои двајца работеле во државниот секретаријат, како и италијански бизнисмени кои управувале со инвестицијата. Италијански разузнавачки експерт е меѓу обвинетите за проневера.

Обвинителството го товари обвинетиот за проневера на милиони евра од Ватикан преку такси и други загуби поврзани со други финансиски трансакции. Сите обвинети ја негираа вината.

Иако некои од спорните документи ги носат потписите на државниот секретар Пјетро Паролин и неговиот заменик, ниту еден не е обвинет.

Меѓу обвинетите е и кардиналот Анџело Бечиу, поранешни шефови на заедницата за финансиско разузнавање во Ватикан и двајца италијански брокери вклучени во набавката на зграда во луксузен дел од Лондон за потребите на Ватикан .

Бечиу, кого минатата година папата Франциск го отпушти од функцијата, за време на двегодишна истрага тврдеше дека е невин. Тој стана највисок функционер на црквата во Ватикан обвинет за наводни финансиски злосторства.

Според црковните закони, папата лично ја одобри одлуката на судијата да го испита и обвини Бечиу. Обвиненијата против него вклучуваат проневера и злоупотреба на службената положба. Италијанка која работела за Бечиу, исто така, е обвинета за проневера на пари.

Италијанските брокери Џанлуиџи Торзи и Рафаеле Минчионе се обвинети за проневера, измама и перење пари. Торзи, за кого беше распишана потерница во април, исто така е обвинет за изнуда. И двајцата ја негираат својата вина

Обвинети се и четири компании поврзани со обвинетите, две од Швајцарија и по една од САД и Словенија.

Судењето треба да почне на 27 јули во Ватикан, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.