Италијанскиот регулатор за приватност на податоци вчера ѝ нареди на кинеската компанија „Бајт денс“, во чија сопственост е „Тик-ток“, да ги блокира сметките на сите корисници во Италија чија возраст во апликацијата не може да се потврди, по трагичната смрт на десетгодишно девојче.

Регулаторот рече дека лесно е да се заобиколи забраната за регистрација на деца помлади од 13 години на „Тик-ток“, па затоа апликацијата е должна да ги блокира сите непроверени кориснички сметки најдоцна до 15 февруари.

Наредбата следи откако десетгодишната Антонела почина од гушење во Палермо, Сицилија, во случајот што ја шокираше Италија. Девојчето врза појас околу грлото за да учествува во предизвикот „Blackout challenge“, чија цел е да го задржите здивот додека се снимате телефонот.

Таа била пронајдена како лежи на подот во нејзината соба од страна на петгодишната сестра во четрвтокот.

Девојчето беше хоспитализирано на интензивна нега во болницата „Ди Кристина“ во Палермо, каде пристигна со срцев застој предизвикан од долгата асфиксија. Таа почина вчера, по помалку од 24 часа, по длабока и неповратна кома предизвикана од недостаток на кислород во мозокот.

Обвинителите отворија истрага за можно поттикнување на самоубиство и сакаат да испитаат дали некој ја повикал да учествува во предизвикот. Во тек е полициска истрага, а според првите сознанија, постојат докази во нејзиниот телефон дека таа го прифатила предизвикот за „гушење“.

Од  „Тик-ток“ велат дека ќе им бидат достапна на властите за време на истрагата.

Користиме различни алатки за да идентификуваме и отстраниме каква било содржина што може да ги прекрши правилата. Продолжуваме внимателно да ја следиме платформата како дел од нашата постојана заложба за заштита на нашата заедница, рече портпатолот на компанијата.

Регулаторот потенцираше дека на „Тик-ток“ му е забрането „понатаму да обработува кориснички податоци за кои не постои апсолутна сигурност за точната возраст и, со самото тоа, не е во согласност со прописите за користење на апликацијата. Ова значи дека корисниците со непроверени профили нема да можат да поставуваат видеа или да комуницираат со други луѓе на платформата освен ако не ја докажат нивната возраст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.