Денеска, граѓаните на САД ги избираат целиот долен дом и дел од членовите на горниот дом на Конгресот, а клучното прашање е дали владејачката Демократска партија ќе успее да го задржи мнозинството, што би му овозможило на шефот на државата, Џозеф Бајден, непречено да ја спроведува својата агенда.

Таканаречените среднорочни избори ќе се одржат во атмосфера на остра поларизација меѓу демократите на Бајден и опозициската Републиканска партија, која според анкетите има солидни шанси да преземе контрола над најмалку еден од двата дома на американскиот Конгрес.

Денеска, Американците ќе ги изберат сите 435 члена на долниот дом, Претставничкиот дом, со мандат од две години, и 35 од 100 члена на горниот дом, Сенатот, со мандат од шест години. Тие исто така избираат гувернери на 36 од 50-те сојузни држави и голем број федерални државни службеници и пониски нивоа на власт.

Демократите имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, а во Сенатот двете партии имаат по 50 члена. Демократите имаат контрола врз Сенатот бидејќи во случај на нерешено одлучувачки е гласот на претседателот на горниот дом, а тоа е потпретседателката на САД, Камала Харис.

Републиканците имаат причина да бидат оптимисти бидејќи партијата од чии редови доаѓа претседателот по правило со децении ги губи изборите за американскиот Конгрес на средината на својот прв мандат.

Анкетите покажуваат дека републиканците имаат солидни шанси да го освојат мнозинството во Претставничкиот дом и дека борбата за Сенатот ќе биде крајно неизвесна.

За да може републиканците да добијат мнозинство во долниот дом, треба да им украдат само пет мандати на демократите.

Доколку републиканците освојат мнозинство во еден или двата дома на Конгресот, на Бајден ќе му биде многу потешко да ја спроведе својата политика отколку порано бидејќи тој нема да може да смета на поддршката од законодавниот дом кога станува збор за приоритетите на политиката на демократите, како што се правата за абортус, климатските промени и заострувањето на прописите за носење оружје.

Доколку републиканците го освојат Сенатот покрај Домот, тие би можеле да го блокираат или одложат потврдувањето на кандидатите на Бајден за судии и членови на извршната власт.

Ова дополнително ќе го зголеми притисокот врз Бајден, чиј рејтинг е многу низок. Според анкетата на „Ројтерс“ и „Ипсос“, спроведена на крајот на август, само 38 отсто од Американците го поддржуваат Бајден, а 69 отсто сметаат дека земјата оди во погрешна насока.

За републиканците, главното прашање во кампањата беше високата инфлација во земјата, а за демократите, правото на абортус, кое беше во центарот на вниманието бидејќи Уставниот суд на САД ја укина универзалната заштита на правото за прекинување на бременоста на крајот на јуни. Една од главните пораки на демократите е дека ќе го заштитат правото на абортус.

Резултатот од изборите може да влијае и на односот на САД кон руската војна во Украина бидејќи некои републиканци во кампањата најавија намалување на помошта за Киев во случај на победа на изберите, пренесуваат светските медиуми.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.