Полската владејачка партија Право и правда (ПиС) се најде на мета на критики поради смртта на 15-годишниот син на пратеничка од опозицијата, кој изврши самоубиство по објавувањето на извештај, во кој е идентификуван како жртва на педофил, пренесува „Гардијан“.

Во вторникот полскиот парламент одржа едноминутно молчење за Миколај Филикс, за време на неговиот погреб. Неговата мајка, Магдалена Филикс, пратеник од најголемата полска опозициска партија Граѓанска платформа, рече дека тој починал на 17 февруари. Погребот се одржа во вторникот во Шчечин, нејзиниот роден град, еден ден пред Миколај да наполни 16 години.

Тинејџерот си го одзел животот неколку недели откако Радио Шчечин, дел од државната полска радио мрежа, во извештај откри детали за жртвите на осуден педофил.

Името на Миколај не беше објавено, но беа откриени доволно детали за јавноста да го идентификува. Беше откриена возраста на малтретираните малолетници и дека едно од нив е дете на пратеник.

Радио Шчечин, исто така, објави ека осудениот педофил, чие судење се одржа зад затворени врати за да се заштитат жртвите, бил поранешен член и кандидат на Граѓанската платформа, како и ЛГБТ активист.

Приказната беше нашироко пренесена од други државни медиуми, и предизвика гнев кај претставниците на опозицијата во Полска, а поддржувачите на опозицијата тврдат дека национално-конзервативната партија ПиС ја оркестрирала приказната за политичка корист и е барем делумно одговорна за смртта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.