Група од десетина американски републикански сенатори имале „продуктивен разговор“ со претседателот, Џо Бајден, за новиот пакет мерки за помош на населението што е погодено од пандемијата на Ковид-19, но договор, сепак, не постигнале.

Според сенаторката Сузан Колинс, средбата во Белата куќа била „одлична“ и дала надеж дека Конгресот може да додели уште еден пакет мерки.

Бајден изјави дека се надева на поддршка од двете партии во Конгресот, но дека тој „не се согласува со таков пакет кој не одговара на моментот“.

Бајден и потпретседателката, Камала Харис одржаа крајно продуктивен разговор со сенаторите републиканци. Шефот на државата соопшти дека предложениот пакет на економска помош од 618 милијарди долари, во моментот не одговара на предизвиците во многу области – се вели во соопштението на Белата куќа.

Според анализа објавена вчера од „S&P Global“, предлогот на претседателот Бајден за борба со корона вирусот во висина од 1.9 трилиони долари може да ја обнови економијата на земјата до ниво на кое беше пред пандемијата.

„S&P“, исто така, направи анализа и на предлогот на републиканците во висина од 618 милијарди долари, која укажува дека и таа мерка ќе го забрза растот на економијата, но тоа ќе биде подолготрајно со многу пониска траекторија на растеж.

Слична прогноза даде и Канцеларијата за буџет при Конгресот на САД, според која економската пукнатина во обемот на производство во следните четири години може да достигне 808 милијарди долари. Тоа значи дека и помалиот пакет помош предложен од републиканците, може да биде доволен за обнова на економијата.

Сепак, анализите укажуваат дека со предлогот на Бајден економијата ќе има повисока траекторија на растеж.

Во меѓувреме, конгресмените демократи јаапочнаа процедурата за брзо донесување буџет кој ќе се овозможи користење на специјално сенатско правило за пакетот на Бајден да мине со просто мнозинство, наместо со неопходните 60 гласови. А тоа значи дека нема да бидат потребни гласови на ниту еден републиканец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.