Некои мигранти во Данска ќе треба да работат 37 часа неделно за да можат да добијат социјални бенефиции, соопшти денеска данската Влада.

Тоа ќе се однесува на оние мигранти кои добивале социјална помош три до четири години и кои не го совладале доволно данскиот јазик.

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека тоа е директно наменето за жени кои не се со потекло од Западот, но живеат од социјална помош.

Таа вчера го претстави реформскиот пакет кој, меѓу другото, вклучува одредба за обврската за работа за долгорочно невработени.

За да продолжат да примаат социјална помош, долгорочно невработените лица ќе треба да одработат 37 часа општествено корисна работа, како што е собирање ѓубре, секоја недела.

Мерката е насочена првенствено кон имигрантите кои имаат потешкотии да влезат на пазарот на трудот.

Доколку предлогот биде прифатен од мнозинството во Парламентот, локалните власти ќе бидат задолжени за распределба на работни места на невработените.

Данска ја заостри својата имигрантска политика неколку пати во изминативе години. Сега има некои од најстрогите правила во Европа и сака целосно да ги намали барањата за азил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.