Данска од 10 септември ќе ги укине сите ограничувања воведени поради спречување на пандемијата на коронавирусот, соопштија здравствените власти.

Епидемијата е под контрола, имаме рекордно високо ниво на вакцинација, изјави данскиот министер за здравство Магнус Хеунике.

Данска има едно од највисоките нивоа на имунизација против Ковид-19 во светот, со четири од пет Данци над 12-годишна возраст целосно вакцинирани. Затоа, Владата повеќе не го класифицира Ковид-19 како „болест критична за општеството“.

Владата вети дека нема да ги поддржи овие мерки подолго отколку што е потребно и ние сме сега во таа ситуација. Но, дури и ако моментно изгледа се добро, ние се уште не сме излезени од епидемијата, истакна министерот Хеунике.

Според него, доколку се влоши ситуацијата би можело повторно да бидат воведени рестриктивните мерки.

Бројот на пациенти во данските болници со Ковид-19 вчера изнесуваше 127. Вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 2.573 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.