Триесетте земји-членки на НАТО вчера го потпишаа пристапниот протокол за Финска и за Шведска, на церемонија во седиштето на Алијансата во Брисел. Со протоколот е овозможено тие да ѝ се придружат на Алијансата откако парламентите на земјите-членки ќе ја ратификуваат одлуката.
Ова е добар ден за Финска и за Шведска и добар ден за НАТО. Ова навистина е историски момент, со 32 нации на маса ќе бидеме уште посилни, а нашите луѓе ќе бидат уште посигурни додека се соочуваме со најголемата безбедносна криза во изминатите децении – истакна притоа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Протоколите му дозволуваат на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да издаде официјална покана до Шведска и Финска да се приклучат кон Алијансата, но процесот на ратификација може да потрае. Потенцијалните членки мора да ги поминат протоколите, процес што обично ги вклучува националните парламенти. Се проценува дека ќе бидат потребни уште шест до осум месеци пред Шведска и Финска да влезат во НАТО.
Протоколите за пристап можеа да бидат потпишани порано, но Турција се согласи во последен момент пред почетокот на самитот на НАТО во Мадрид, минатата недела, да се откаже од своето противење за прием на нордиските земји. Претходно, Анкара ги обвини Стокхолм и Хелсинки за поддршка на Курдистанската работничка партија (ПКК) и милицијата ЈПГ, со седиште во Сирија, кои Турција ги смета за терористички групи. Двете земји ги отфрлија обвинувањата. Блокадата заврши откако тројцата водачи се согласија да соработуваат на низа напори за борба против тероризмот, вклучувајќи и договори за екстрадиција и откако ветија дека ќе го укинат ембаргото за оружје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.