Четири деца и двајца возрасни загинаа денеска, кога Непал го погоди земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала, додека пет лица се тешко повредени.

Земјотрес со епицентар во планините во западен Непал е почувствуван до главниот град на Индија Њу Делхи, на околу 400 километри западно од епицентарот, пренесе АП.

Неколку куќи се урнаа во западниот кварт Доти, а локалните медиуми покажаа куќи од кал и цигли уништени од земјотресот и спасувачи кои бараат низ урнатините да најдат преживеани.

Портпаролот на непалската армија Нарајан Силвал изјави дека најмалку две лица се водат како исчезнати, пренесе Ројтерс.

Официјален претставник на областа Доти, Калпана Шреста, изјави дека шест лица загинале, а пет други се повредени во земјотресот рано утринава во 02:12 часот по локално време.

Луѓето во планинските села во паника излегоа од своите куќи, а многумина од нив ја поминаа ноќта на отворено.

Таа рече дека безбедносните сили биле испратени во оддалечените села за да помогнат во спасувачките напори, а има извештаи за оштетени куќи во многу села.

Непалскиот сеизмолошки центар објави дека земјотресот бил со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала, а Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) го известил земјотресот со јачина од 5,6 степени.

Геолошкиот институт на САД даде прелиминарни проценки и соопшти дека земјотресот бил со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 15,7 километри и со епицентар на 21 километар источно од Дипахал.

Според американската агенција, земјотресите се вообичаени во планинскиот дел на Непал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.