Претседателот на Чешката република, Милош Земан, изјави дека има реални сомневања во врска со учеството на Русија во огромната експлозија во магацин за муниција пред седум години. Во експлозијата во Врбетице, на истокот од земјата, загинаа две лица.

Ваквиот став на Земан доаѓа по дипломатскиот спор околу обвинувањата за руска саботажа.

Русија можеби не стоела зад експлозијата во 2014 година во склад за муниција во Чешка – изјави чешкиот претседател Милош Земан во телевизиско обраќање.

Официјална Прага предизвика дипломатски спор минатата недела кога обвини дека руски разузнавачи ја предизвикале катастрофалната експлозија и поради тоа протера 18 вработени во руската амбасада. Како одговор на тоа, следуваа протерувања од на дипломати од Москва, а чешката влада нареди уште 63 дипломати и руски персонал да ја напуштат земјата до крајот на мај.

Некои членки на Европската Унија дејствуваа солидарно и исто така протераа вработени во руските амбасади. ЕУ и НАТО исто така издадоа објави за поддршка на централноевропската земја.

Сепак, сега, Земан ја осуди „хистеријата“ во обраќањето на јавноста и предупреди на „каква било форма на хистерија“ и ги повика луѓето да ги чекаат резултатите од полициската истрага.

Земан изјави дека нема докази дека двајцата наводни шпиони влегле во објектот.

Тој соопшти и дека постојат две работни теории за тоа како се случила експлозијата во приватното складиште за муниција во 2014 година: едната вклучува руска саботажа, а другата вклучува несреќа поради лошо ракување со експлозив.

Јас сериозно ги сфаќам обете теории и посакувам темелно да бидат испитани. Се надевам дека ќе ја дознаеме вистината – изјави претседателот, без да ја исклучи идејата дека станува збор за „разузнавачка игра со сериозни последици за нашиот домашен политички живот“.

Кремљ жестоко ги негира обвинувањата на владата на премиерот Андреј Бабиш.

Земан важи како човек со блиски врски со руската влада и бил гостин на претседателот Владимир Путин во Сочи во 2017 година. Тој во земјата има, во голема мерка, церемонијална улога од 2013 година.

По неговото обраќање, чешките опозициски политичари го обвинија за дезинформација и го критикуваа за сомневање во работата на тајните служби.

Опозиционерот Павел Фишер, кој е шеф на комисијата за надворешни работи, одбрана и безбедност на горниот дом на парламентот, изјави дека гледа убедливи, доверливи информации и дека сомнежите на Земан го нарушуваат угледот на земјата.

Земан сега отворено стои на страната на Русија и стана нејзин застапник – изјави Фишер во објавата на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.