Спутник V повеќе не е потребен во Чешка, има доволно други вакцини против коронавирус, рече чешкиот премиер Андреј Бабиш во интервју за Јутјуб каналот „Ксавер во живо“.

Водителот го прашал Бабиш дали употребата на руската вакцина Спутник V во земјава е веќе затворена тема.

Не ни треба повеќе (руска вакцина). Имаме доволно вакцини, одговорил премиерот.

Претседателот на Чешка, Милош Земан, во повеќе наврати изјави дека вакцината Спутник V може да се користи во Чешка и дека, според него, одобрувањето на националниот регулатор би било доволно за тоа.

Од своја страна, премиерот Бабиш, иако не ја исклучува употребата на руската вакцина во земјата, истакнал дека тоа може да се направи само по одобрување на Европската агенција за лекови (ЕМА).

Во Чешка, во моментов 49,5 илјади луѓе се заразиле со Ковид-19, од кои 2449 биле хоспитализирани. Од почетокот на пандемијата, регистрирани се 1,63 милиони случаи на коронавирус, 1,55 милиони се опоравиле, а 29,3 илјади луѓе починале.

Од крајот на декември 2020 година, вакцинацијата започна во земјата. Првата доза на вакцината ја примиле 3,18 милиони луѓе, а втората – 1,003 милиони жители во оваа држава, во која живеат околу 10 милиони граѓани. Се користат вакцините од компаниите Фајзер/Бионтек, Модерна, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон. Како што претходно објави министерот за здравство Питер Аренбергер, во мај, неговото Министерство очекува да добие 2,8 милиони од овие вакцини од производителите.

Вакцината Спутник V, произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции, на 11 август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство, со што стана првата регистрирана вакцина против коронавирус во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.