Државното обвинителство на Чешка, откако го презеде досието поврзано со наводна злоупотреба на европски субвенции, соопшти дека добило предлог од полицијата за поднесување обвинение против премиерот Андреј Бабиш.

Полицијата се сомнева во Бабиш за привремено одвојување на фармата „Родино Гниездо“ близу Прага од големиот земјоделско-прехранбен холдинг „Агроферт“ во 2007 година, за да може да добие европски средства наменети за мали претприемачи.

Документацијата за случајот кој медиумите го нарекоа „афера родно гнездо“ му беше предадена на главниот државен обвинител задолжен за надзор, заедно со предлогот за обвинение од полицијата – се наведува во соопштението на државното обвинителство во Прага.

Во соопштението се додава дека „главниот државен обвинител ќе ги проучи документите и ќе одлучи дали ќе покрене обвинение, ќе се откаже од гонењето или ќе постапи на друг начин“.

Бабиш (66), кој има словачко потекло и е петти најбогат Чех според магазинот „Форбс“, ги отфрла тврдењата дека сторил нешто незаконско.

Полицијата побара покренување обвинение против премиерот уште во 2019 година, но главниот обвинител одлучи дека обвинението е неосновано и го прогласи Бабиш за невин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.