Чешката Република изразила интерес за набавка руската вакцина против Ковид-19, „Спутник“.

Ваквата информација доаѓа по посетата на чешкиот премиерот, Андреј Бабиш, на Будимпешта, каде што од неговот унгарски колега, премиерот Виктор Орбан, треба да ги дознае деталите за планираната употреба на руската вакцина во оваа земја.

Унгарија е првата држава членка на ЕУ што ја одобри руската вакцина.

Се разбира, ние ќе ја поздравиме одлуката доколку Европската агенција за лекови ја одобри руската вакцина – изјави Бабиш пред заминувањето за Унгарија.

Во Чешка постои огорченост кај населението поради бавното темпо на вакцинирање, затоа што, според податоците што ги издаде Министерството за здравство, во земјата се употребени 327.759 дози.

Се повеќе има поплаки дека политичари, официјални лица, па дури и илјадници полицајци преку ред ја добиле вакцината.

Во меѓувреме, стравувајќи од ширење на новите мутации на вирусот, Владата во Прага дополнително ги заостри правилата за влез во земјата.

Влез за странци во Чешка е дозволен само во итни случаи, како што се службените патувања. Новитет во мерките е дека сега мора да се приложи негативен тест за корона вирусот при влез од сите соседни земји.

Сепак, по пристигнувањето задолжителен е втор тест, а луѓето треба да бидат во карантин се додека не се добие негативен резултат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.