Луѓето коишто не се вакцинирани против корона вирусот, ниту, пак, имаат доказ дека неодамна го прлежале, од денеска нема да можат да влезат во угостителските објекти и јавните служби во Чешка и Словачка, откако овие земји забележаа пораст на бројките на заразени и хоспитализирани.

Чешката влада испрати војници на помош во болниците, во кои се наоѓаат 700 лица на одделенијата за интензивна нега. Во текот на денот, владата ќе расправа за можно воведување на вонредна ситуација која ќе им овозможи на студентите по медицина да помагаат во болниците.

Согласно одлуката на чешките власти, само лицата кои се вакцинирани или имаат доказ дека прележале Ковид-19 во последните шест месеци, ќе може да посетуваат ресторани, хотели, јавни институции или настани како што се спортски натпревари.

Медицинската комора се залага за уште порестриктивни мерки, односно за воведување карантин.

Во Чешка, наскоро треба да се формира нова влада, откако партијата на премиерот во заминување Андреј Бабиш беше поразена на изборите во октомври. Бабиш порача дека Чешка нема да воведе карантин, додека претставниците на победничката коалиција, исто така, зборуваа против карантин и затворање на училиштата.

За вечерва се очекуваат демонстрации против новите мерки пред Прашкиот замок.

Во големи делови на Словачка со одлука на владата, рестораните можат да служат храна само на терасите, а невакцинираните не можат да одат во ресторани.

Владите со рестрикции сакаат да го зголемат бројот на вакцинирани. Околу 60 отсто од Чесите примиле најмалку една доза на вакцина против Ковид-19, додека 46,8 отсто од Словаците се вакцинирани против Ковид-19, а од земјите на ЕУ, помалку вакцинирани отколку во Словачка има само во Романија и Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.