Цените на нафтата продолжија со тренд на намалување, бидејќи економските перспективи на Кина и понатаму слабеат и покрај подобрувањата во областа на производната активност.

Продолжената трговска војна со САД ја загрозува побарувачката за нафта во Кина.

Цената на северноморската нафта „брент“ падна за 85 центи или за 1,4 проценти на 61,06 долари за барел, додека американското лесна нафта (WTI) поевтини за 59 центи или за 1,1 процент на 55,32 долари за барел.

Официјалниот индекс за набавки (PMI) за производниот сектор во Кина се искачи на 49,8 поени во септември, што е нешто подобро од очекувањата и напредуваше во однос на 49,5 поени во август.

Сепак, PMI и понатаму е под границата од 50 поени, која го одделува растот од падот на производната активност, покажаа податоците од кинеското Национално биро за статистика.

Кина денес предупреди на нестабилност на меѓународните пазари, откако некои извори во петокот соопштија дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува да ги тргне акциите на кинеските компании од американските берзи.

Портпаролката на американското Министерството за финансии, Моника Краули, ја негираше таа информација во неделата, наведувајќи на својот профил на Твитер дека министерството „во овој момент не размислува да го блокира списокот на кинеските компании на американските берзи“, и дека „ги поздравува инвестициите во Соединетите американски држави”.

Во меѓувреме, водечкиот светски извозник на нафта, Саудиска Арабија, го врати производството на нафта на 11,3 милиони барели по нападот врз саудиските нафтени постројки на почетокот од овој месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.