Глобалниот индекс на цените на храната на Агенцијата на ОН за храна во август падна петти месец по ред, бидејќи континуираниот извоз на жито од украинските пристаништа придонесе за подобри изгледи за снабдување.

Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) денеска соопшти дека нејзиниот индекс на цени, кој ги следи најтргуваните прехранбени производи во светот, во просек изнесувал 138 поени минатиот месец, во однос на ревидираните 140,7 за јули.

Индексот падна од рекордните 159,7 во март, забележани по руската инвазија на Украина.

Индексот на цените на житариците на ФАО во август падна за 1,4 отсто на месечна основа. Украинските пристаништа на Црното Море се повторно отворени согласно дипломатски договор и изгледите за жетвата на пченицата во Северна Америка и Русија се поволни, објави агенцијата.

Но, индексот на цените на пченката се зголеми за 1,5 отсто минатиот месец бидејќи топлото и суво време ги намали изгледите за производство во Европа и САД, се додава во извештајот.

Цените на растителното масло, шеќерот, млечните производи и месото паднаа, делумно и поради зголемените залихи.

Во посебна проценка на понудата и побарувачката на житарици, ФАО ја намали својата прогноза за глобалното производство на житарици во 2022 година од 2,792 милијарди тони на 2,774 милијарди тони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.