Цените на храната на светскиот пазар паѓаат. Најмногу се намалени цените на растителните масла и житариците, се наведува во извештајот на FAO.

Индексот на цените на храната на FAO за јули 2022 година забележа остар пад. Во просек изнесуваше 140,9 поени, што е за 8,6 отсто помалку во однос на јуни. Ова е четврто по ред месечно намалување, но сепак е за 13,1 отсто над вредноста во истиот месец лани.
Падот во јули беше најголемата месечна загуба на вредноста на индексот од октомври 2008 година. За ова најмногу е одговорен индексот на растителни масла и житарки. Во помала мера се намалени индексите за шеќер, млечни производи и месо.

Во јули, индексот на цените на растителните масла изнесува 171,1 поен, што е намалување за 19,2 отсто. Постигнат е најнискиот индекс во последните 10 месеци. Овој остар пад е резултат на движењата на пазарот и пониските светски цени на палминото, соиното, семето од репка и сончогледовото масло.
Поради можноста за извоз на палмино масло од Индонезија, инаку водечки светски извозник, меѓународните цени на ова масло паѓаат веќе четврти месец по ред.

Долгорочната слаба побарувачка и прогнозата за големи залихи на нови култури предизвикаа намалување на светската понуда на соја и маслодајна репка. Во исто време падна и побарувачката за сончогледово масло.

Што се однесува до житарките, во јули е забележано помало количество од 147,3 поени, но е за 16,6 отсто над вредноста од јули 2021 година. Забележливо е дека намалувањето ги погоди сите видови житни култури, а најмногу пченицата. Нејзината цена падна како реакција на потпишувањето на договорот за деблокирање на црноморските пристаништа минатиот месец за 14,5 отсто, а свое влијание имаа и жетвата и сезонската достапност. И покрај тоа, цената е за 24,8 отсто повисока од вредноста во истиот период лани.
Меѓународните цени на крупните зрна се намалени четврти месец по ред за 11,2 отсто и се задржаа за 12,1 отсто над вредноста од пред една година.

Светските цени на пченката се пониски за 10,7 отсто.
Пониските цени на пченицата и пченката се одразиле и на пазарот на останатите житни култури, па цените на сиракот се пониски за 12,8 отсто, а на јачменот за 12,6 отсто. За прв пат падна и цената на оризот.

Како што соопшти FAO, цените на млечните производи во јули паднале за 2,5 отсто во однос на јуни, што е сепак за 25,4 отсто над вредноста во јули минатата година. Најголем пад забележаа меѓународните цени за обезмастено млеко во прав, потоа путерот и полномасното млеко во прав. Светските цени на сирењето останаа стабилни, а беа условени од побарувачката на европскиот пазар поради туристичката сезона.

Цените на месото во јули се за 0,5 отсто пониски во однос на јуни, а ова е прво намалување по шестмесечниот раст. Светските понуди за овчо месо нагло паднаа поради достапноста на снабдување од Австралија. Пониски цени се забележани кај говедското, додека кај свинското останаа стабилни. Месото од живина достигна највисоки вредности.

Цените на шеќерот забележаа трет последователен пад и достигнаа најниско ниво во последните пет месеци. Нивниот индекс во седмиот месец е помал за 3,8 отсто во однос на јуни. Покрај поголемото производство во Бразил, за намалувањето придонесоа и очекувањата за поголем извоз од Индија и добрите изгледи за следната производна сезона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.