Од Европската Комисија (ЕК) прецизираат дека целта на предлогот за дигитални пасоши е да се олесни движењето внатре во Европската Унија (ЕУ), без да се даваат гаранции за трети земји.

Портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд, соопшти дека Комисијата ќе се осигура дека предлогот, што се очекува на крајот на оваа недела, ги почитува сите меѓународни стандарди, но примарна цел не е отворањето на границите кон земјите вон ЕУ.

Сакам да истакнам дека целта на сертификатите е да се олесни безбедното движење во рамките на ЕУ. Тие нема да донесат нови рестрикции, нема ништо да забранат, ќе ги направат работите полесни. Ги гледаме и третите земји и во контакт сме со меѓународни тела како Светската здравствена организација за да се зема предвид интероперабилноста и меѓународните стандарди, но предлогот е фокусиран на слободното движење внатре во ЕУ – изјави Виганд.

Земјите од западниот Балкан, кои во голем дел се потпираат на руската и кинеската вакцина за излез од здравствената криза, изразија загриженост дека предлогот на ЕК за дигитални сертификати за вакцинација нема да ги признаат вакцините кои не се одобрени во ЕУ.

Европската Комисија на крајот на оваа недела треба да излезе со овој долгоочекуван законски предлог за дигитални сертификати. Овие „ковид пасоши“ ќе имаат за цел да го олеснат патувањето внатре во ЕУ преку приложување доказ за вакцинација или доказ за негативен ПЦР тест во случај на лица кои не можеле или не сакале да се вакцинираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.