Либералниот опозициски градоначалник на Будимпешта, Гергели Карачони, најави дека ќе ги преименува улиците во унгарскиот главен град што се наоѓаат во близина на планираниот кинески универзитетски кампус. Како што посочи Карачони, такво нешто ќе биде направено за на тој начин да им оддаде почит на луѓето чии човекови права ги крши официјален Пекинг.

Едната улица ќе биде именувана по Далај Лама, духовниот водач на тибетскиот будизам, кого Пекинг го смета за сепаратист. Втората ќе се вика „Улица на ујгурските маченици“ по претежно муслиманската етничка група за која САД и други западни  држави тврдат дека е жртва на кинески геноцид. Името на третата улица е „Улица на слободен Хонг Конг“, додека четвртата улица ќе го носи името на кинескиот католички бискуп кој е во затвор.

Кина ги отфрла обвинувањата за кршење на човековите права.

Неколку унгарски политичари ставаат премногу акцент на прашања поврзани со Кина со цел да привлечат внимание и да ја загрозат соработката меѓу Унгарија и Кина. Таквото однесување е подло – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.

Преименуваните улици се наоѓаат во област каде што кинескиот универзитет Фудан има намера да отвори кампус за дипломски студии по либерални уметности, медицина, бизнис и инженерство за 6.000 студенти.

Овој проект на универзитетот Фудан ќе доведе во прашање многу вредности за кои Унгарија се обврза дека ќе ги почитува пред 30 години кога падна комунизмот – изјави градоначалникот Карачони, либерален опозициски политичар кој за следната година планира кандидатура против унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.