Епидемијата на коронавирус во Велика Британија ќе трае до пролетта 2021-ва година, а 7,9 милиони луѓе би можеле да завршат во болница. Ова било кажано на тајниот состанок на британското Министерство здравство.

Во документот кој го добиле новинарите на „Гардијан“ се говори за тоа дека водечките здравствени работници кои се занимаваат со епидемијата, признале дека очекуваат во идните 12 месеци вирусот да продолжи да циркулира меѓу луѓето и да продолжи да ја отежнува работата на веќе преоптоварениот британски здравствен систем.

Овие бројки исто така говорат дека британското здравство се подготвува на фактот дека 80% од Британците ќе бидат заразени од коронавирусот во текот на тој период, нешто што досега јавно се осуди да го признае еден политичар – германската канцеларка Ангела Меркел.

Професорот Крис Вити, главниот здравствен советник на британската Влада претходно овие бројки ги нарече најцрното сценарио и сугерираше дека реалните бројки ќе бидат многу помали. Сепак, документот кој сега протече во јавноста открива дека британското здравство очекува четворица од пет Британци да се заразат со коронавирусот.

Се очекува дека дури 80% од популацијата ќе се зарази со КОВИД-19 во следните 12 месеци, а до 15% од популацијата ќе биде хоспитализирана“, стои во документот.

Во документот било наведено дека од 500 илјади до 5 милиони луѓе се сметаат за важни за функционирањето на државата, затоа што се дел од најважните јавни сервиси кои во некој момент од епидемијата ќе бидат заразени

На состанокот било поставено и прашањето дали ќе биде овозможено нормално функционирање на Велика Британија затоа што се проценува дека барем 10 отсто од Британците ќе кашлаат во некој момент од врвот на епидемијата. Според здравствените совети на премиерот Борис Џонсон, секој кој ќе кашла ќе мора во самоизолација најмалку 7 дена.

Професорот Вити истакнува дека бројот на заразени ќе расте во следните 10 до 14 седмици што значи дека врвот на епидемијата ќе биде кон крајот на мај и почетокот на јуни кога британскиот здравствен систем ќе се соочи со екстремен притисок. Секако, не е исклучена можноста до тогаш да бидат достапни нови терапии и тоа влева надеж.

Кога ќе помине врвот на епидемијата, се очекува дека 10 седмици потоа ќе започне да опаѓа бројот на заболени и починати. Сепак, некои научници стравуваат дека вирусот би можел да се појави во ноември кога започнува сезоната на грипот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.