Заклучување, задолжителното носење маски, ковид сертификат и работа од дома повторно може да станат дел од секојдневниот живот оваа зима како план Б во борбата против пандемијата, најави британскиот министер за здравство.

Министерот Сајид Џавид рече дека Владата е подготвена за план Б доколку здравствениот систем се најде под неподнослив притисок.

Според него, планот Б вклучува:

– задолжително носење маски

– работа од дома

– задолжителни ковид сертификати за ноќните клубови, забрана за настани во затворени простории за повеќе од 500 луѓе, забрана за настани на отворено со повеќе од 4.000 присутни

– јасна и итна комуникација за нивото на ризик.

Тој нагласи дека заклучувањето е последната опција ако планот Б не успее, пренесува Скај њуз.

„Секоја одговорна влада мора да се подготви за сите опции и иако никој не ги сака овие мерки, ние мора да бидеме подготвени за нив за секој случај“, рече Џавид.
Даунинг стрит нагласува дека не постои единица мерка која точно ќе покаже кога и дали треба да се активира планот Б, а портпаролот на Борис Џонсон рече дека ќе се земат предвид неколку фактори, од бројот на хоспитализирани преку клинички слики до бројот на новозаразени.

Британија ќе ги ревидира упатствата за патување на 1 октомври, а Џавид додаде дека можно да се воведе задолжителни ковид сертификати за здравствените работници и оние во социјалните институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.