Западните сојузници се повеќе го губат трпението околу економските санкции за Русија, во време кога официјална Москва, и покрај санкциите, продолжува да заработува од испораките на гас и нафта за германските компании и домаќинства.

Руските енергетски компании секојдневно добиваат од Германија во просек по 200 милиони евра, пишува „Билд“. Досега, канцеларот Олаф Шолц строго одбиваше да воведе ембарго за гас на Русија, иако многу соседни европски земји тоа го бараат со недели. Против воведувањето на ембарго за испорака на гас од Русија се изјасни и германскиот вицеканцелар и сојузен министер за економски прашања, Роберт Хабек.

Поради таквиот германски став, другите западни земји сега го губат трпението со Берлин. Францускиот министер за економија Бруно Ле Мер, кој во вторникот побара од ЕУ да му даде приоритет на ембаргото за нафта наместо гас, индиректно ја прозва Германија.

Сепак, британски „Телеграф“ отиде чекор подалеку и во свој текст дури повикува на воведување санкции за Германија доколку таа конечно не стави крај на „крвавиот гас“ на Путин, пишува „Билд“.

Се разбира, Германија е слободна во своите економски и политички одлуки. Но, нема причина остатокот од светот да го прифати тоа – вели авторот на написот на „Телеграф“, Метју Лин.

Според него, поради тоа, секој што купува германски автомобили, хемиски производи или машини плаќа и за рускиот гас, а тој гас, пак, се користи за финансирање на руската војна.

Затоа, колку повеќе руски воени злосторства се откриваат, толку станува појасно: време е да се санкционира Германија – бара Лин.

Британски финансиски експерт предлага шестмесечна забрана за германскиот извоз додека Берлин не ја затвори чешмата за руски гас. Забраната може да биде продолжена и доколку војната на Русија со германската финансиска помош трае подолго. Алтернативно, Британецот предлага привремено воведување казнени тарифи за германските производи – и трансфер на приходите во Украина.

Останува да се види дали ќе се исполнат барањата на Лин, наведува „Билд“, потсетувајќи дека водечките економисти во Германија веќе подолго време бараат прекин на испораката на гас.

Колку подолго чекаме, толку ќе биде полошо. Бидејќи колку повеќе време поминува, толку подобро Русија може да се подготви да ги запре испораките – вели за „Билд“ економистот Вероника Грим.

Според тоа, бавниот излез од увозот на нафта и гас нема ефект на санкција.

Мора да се работи за итно намалување на европските плаќања кон Русија, а ако е можно тоа и целосно да се запре.

 

Тоа може да се направи на различни начини, како увозни даноци, со кои Русија ќе задржи дел од плаќањата со депонирање на средства на сметки за ескру и нивно плаќање дури по мировниот договор. Или со ембарго.

 

Колку што запирањето на испораките е предизвик за нашата економија, веројатно ќе не чини многу повеќе на долг рок ако не реагираме сега – вели Грим.

Како што резонира Грим, тоа е така затоа што натамошните конфронтации со авторитарните режими се неизбежни во наредните години.

Дури и во Кина луѓето многу внимателно следат како реагираме на фактот дека Путин ги постигнува своите цели со вооружени сили. Ако сега не дејствуваме решително, веројатно ќе видиме повеќе вооружени конфликти во иднина – вели Грим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.