Откако на почетокот на неделата во Велика Британија на сила стапи втората фаза од попуштање на епидемиолошките мерки, граѓаните ги зафати високо ниво на оптимизам.

Како што јавуваат британските медиуми, во лондонскиот боемски кварт Сохо завладеало вистинска еуфорија и расположение за забава. Пабовите биле преполни со луѓе кои и покрај заладеното време, одлучија да го испијат своето прво пиво или да го изедат првиот оброк на отворено во последните неколку месеци.

Многу луѓе дури и танцувале на улиците.

Како една од најпогодените земји од ковид-19 стигна до славење?

По одлуката на властите за олабавување на мерките се поставува прашањето како Велика Британија, една од најпогодените земји од Ковид-19, со околу 4.4 милиони потврдени заразени и 127.161 починати, успеа да стигне до славење.

Како што покажуваат деталите на сајтот „Our World in Data“ и „Worldometer“, бројот на новозаразени во таа земја падна од над 60.000 дневно на почетокот на јануари, на под 2.000 во последните денови. Охрабрува и фактот дека бројот на смртни случаи на почеток на април падна под 50 дневно, додека уште во средината на јануари често надминуваше 1.500.

Британците тој успех го остварија со комбинација на масовна кампања на вакцинација и строги мерки на заклучување. Велика Британија е еден од светските лидери во вакцинација. Досега вкупно се примени околу 60 дози на 100 жители.

Тоа значи дека се вакцинирани околу 48.4% од жителите со една доза, а околу 11.8% со двете. Намалувањето на бројот на смртни случаи се должи на вакцинирање на ризичните групи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.