Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека официјален Техеран поднел барање за приклучување кон групата од пет водечки економии во развој, која ја сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Ваквиот потег доаѓа откако иранскиот претседател, Ебрахим Раиси, се обрати на самитот на БРИКС минатата недела

Иако БРИКС не е договорен блок, тој има „многу креативен механизам со широки аспекти – изјави во понеделникот портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Саид Хатибзадех, пренесе новинската агенција Тасним.

Хатибзадех додаде дека Техеран веќе имал „серија консултации“ со БРИКС за апликацијата.

Членството на Иран ќе додаде вредност на сите вклучени – порача Катибзадех, истакнувајќи дека членките на БРИКС сочинуваат 30 отсто од светскиот БДП и 40 отсто од светското население.

Иранскиот претседател во петокот се обрати на виртуелниот самит на БРИКС, чиј домаќин е Кина, и ја изрази подготвеноста на официјален Техеран да ги сподели своите способности и потенцијали со таа група.

За влез во БРИКС се пријави и Аргентина. Претседателот Алберто Фернандез во петокот повика на создавање механизми за соработка кои би можеле да бидат алтернатива на приватните институции управувани од Западот.

Рускиот претседател Владимир Путин за време на седницата во средата изјави дека петчлената група работи на воспоставување нова глобална резервна валута „заснована на кошницата на валути на земјите на БРИКС“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.