Бугарија постојано ги поддржува напорите на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членството во ЕУ, забележа бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на својот говор на панелот „Дијалог за дипломатијата на Западен Балкан“, во рамките на Светскиот економски форум во Давос.

Пред учесниците на панелот бугарскиот премиер акцентот го стави врз исклучително важното задржување на улогата на политиката на проширување на ЕУ како катализатор за реализирање на клучните реформи во земјите од регионот.

Овие реформи се неопходни како за модернизирањето и развојот на Западен Балкан, така и за стабилноста и просперитетот на овој стратешки важен регион за ЕУ, посочи премиерот Борисов.

Според него, различните иницијативи и формати на регионална соработка во Југоисточна Европа взаемно се дополнуваат во поттикнувањето на политичката, економската и социјалната стабилност во регионот.

Регионалната соработка, меѓутоа, не е алтернатива на европската интеграција на Западен Балкан. Напротив, таа треба да придонесува за постигнување на стратешката цел за членството во ЕУ на земјите од регионот, истакна бугарскиот премиер.

„Бугарија, заедно со  Македонија од 1 јануари 2020 година се домаќини на Берлинскиот процес“, уште кажа Борисов од Давос. Двете земји, додаде, го презедоа овој одговорен ангажман како природно продолжение на постигнувањата за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ и вадењето на процесот на европската интеграција на Западен Балкан во преден план на политичката агенда на Унијата.

Приоритетите на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес се порзаноста во сите нејзини аспекти: транспортот, енергијата, дигитализацијата, како и поврзаноста меѓу луѓето, особено меѓу младите, вклучувајќи и преку образованието, подвлече премиерот Борисов од Давос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.