Британскиот премиер, Борис Џонсон, ги повика лидерите на Групата седум богати земји (Г7) да се посветат на вакцинирање на целиот свет против Ковид-19 до крајот на 2022 година и одлука за такво нешто да донесат до состанокот на Велика Британија следната недела.

Џонсон ќе биде домаќин на првиот самит „во живо“ по скоро две години, по состанокот на министрите за финансии на Г7 и најави дека ќе бара заложба за постигнување на глобалната цел за вакцинација.

Вакцинирањето на светот до крајот на следната година ќе биде најголемиот подвиг во историјата на медицината – изјави Џонсон.

Тој ги повика колегите лидери на Г7 да му се придружат во ставањето крај на пандемијата и да се заложат дека никогаш повеќе нема да дозволат да се повтори уништувањето предизвикано од корона вирусот.

Лидерите на Германија, Франција, САД, Италија, Јапонија, Европската Унија и Канада ќе му се придружат на Џонсон на тридневниот самит во Корнвол, на југозападот од Англија, што почнува во петок.

Тоа ќе биде прво патување во странство на американскиот претседател Џо Бајден откако ја презеде функцијата во јануари.

Иако најбогатите земји вакцинираа голем дел од нивната популација, многу сиромашни земји немаат еднаков пристап до вакцините. Здравствените експерти предупредуваат дека вирусот ќе продолжи да се шири и да мутира доколку не се донираат повеќе вакцини на сиромашните.

Американската министерка за финансии, Џенет Јелен на состанокот на министрите за финансии во Лондон изјави дека го поддржува ставот на САД дека треба да се укинат патентните права на вакцините, додавајќи дека тие прават се што е во нивна моќ да ги решат проблемите со снабдување кои спречиле зголемување на дозите на вакцините во другите делови на светот.

Велика Британија порача повеќе од 500 милиони дози од вакцините против Ковид-19 за нејзиното население од „само“ 67 милиони жители, но соопшти и дека ќе ги донира сите дози што нема да и бидат потребни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.