Британскиот премиер Борис Џонсон има намера денеска на прес конференција да и соопшти на јавноста дека многу од рестриктивните мерки против коронавирусот, што беа воведени во текот на изминатата година, на 19 јули да бидат укинати.

Меѓутоа, здравствените експерти предупредуваат дека ваквиот потег е катастрофален и може да се спореди со отворање на „корона фабрика“. Нивното тврдење е поткрепено со фактот дека од ден на ден расте бројот на новоинфицирани со коронавирус во земјата.

Попладнево на прес-конференција во Даунинг стрит, се очекува Борис Џонсон да каже дека 86 проценти од возрасните Британци биле вакцинирани со најмалку една доза вакцина за коронавирус, па затоа владата преминува од ниво на строги мерки на ниво каде граѓаните самите ќе треба да бидат одговорни за спроведување на мерките, односно самите ќе одлучат дали да носат маски, да држат дистанца и така натаму.

Промените во рестриктивните правила што досега важеа во Велика Британија треба да се однесуваат и на дозволата на Британците кои се целосно вакцинирани да патуваат во земјите што се наоѓаат во т.н. зелена листа, без потребата да се оди во карантин. Се очекува да се измени и правилото секој ученик да замине во изолација доколку некој член од неговото семејство бил позитивен на коронавирус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.