Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жосеп Борел денеска изјави дека е целосно убеден оти ЕУ ќе постигне договор за шестиот пакет санкции против Русија.

„Амбасадорите се сретнаа вчера и денеска. Сите притискавме да се постигне договор денеска и многу сум убеден дека ќе го имаме“, изјави Борел.

Доаѓајќи на самитот на лидерите на ЕУ 27, Борел ја повика Унијата да продолжи да ја поддржува Украина, вклучително и со оружје, како и да продолжи да врши притисок врз Русија преку санкции.

„Мораме да ја поддржиме Украина и да бидеме тврдоглави во тоа. Секоја војна има свои подеми и падови. Санкциите веќе и нанесоа голема штета на руската економија, а до летото нивната економска состојба ќе биде многу лоша“, рече Борел.

Тој најави дека на самитот на лидерите на ЕУ ќе се разговара и за кризата во снабдувањето со храна, обвинувајќи ја Москва дека „житото го користи како оружје во војната“.

„Од големо значење е да не дојде до глад во светот, а токму тоа го прави Путин. Ги уништува резервите на жито. Тоа ќе биде голема трагедија и ќе направи штета на многу земји во светот“, предупреди Борел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.