Санкциите на Европската унија ќе бидат насочени против 27 лица и субјекти кои го загрозуваат територијалниот интегритет на Украина, изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Тој на прес-конференција рече дека заедно со руските пратеници кои го поддржаа признавањето на сепаратистичките региони, ќе бидат погодени и банките кои ги финансираат носителите на клучните одлуки и нивните операции во Донбас.

Способноста на Русија и руската влада да дојдат до европски капитал на финансиските пазари и услуги, исто така, ќе бидат погодена од санкции. Тој додаде дека „санкциите ќе бидат само дел од одговорот на Европската унија“.

Претходно, шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан изјави дека Европската Унија вечерва едногласно ги договори новите санкции против Русија по вчерашната одлука на официјална Москва да ја признае независноста на двата сепаратистички региона во источна Украина, Доњецк и Луганск.

И претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, одржи прес-конференција за санкциите против Русија.

Го поздравувам договорот на членките на ЕУ за новите санкции против Русија, која создаде криза и е одговорна за ескалацијата. Наскоро ќе го финализираме пакетот санкции во соработка со партнерите, изјави шефицата на ЕК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.