По повод Денот на сеќавање на сите жртви од хемиско оружје, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, денеска порача дека никој не смее да користи хемиско оружје, никаде, никогаш и под никакви околности.

Пред 25 години, Конвенцијата за хемиско оружје стапи во сила со цел засекогаш да се стави крај и да се елиминира хемиското оружје.

Од 1997 година, над 99 отсто од пријавените залихи на хемиско оружје потврдено е дека се уништени. Сепак, хемиското оружје останува една од најсериозните закани за меѓународниот мир и безбедност.

– И покрај напредокот што го постигнавме, сè уште сме сведоци на ужасните последици од ова грозоморно оружје. Во Сирија предизвика стотици жртви, меѓу кои и деца. Во август 2020 година, воениот агенс Новичок беше искористен во обид да се убие рускиот опозициски политичар Алексеј Навални. Хемиско оружје беше употребено и во Малезија во 2017 година за да се убие полубратот на Ким Јеунг-Он, Ким Јеунг-Нам, а во Велика Британија во 2018 година во обидот за напад врз Сергеј и Јулија Скрипал, што резултираше со смрт на британски државјанин, изјави Борел.

ЕУ, исто така, потсетува „дека употребата на хемиско оружје е кршење на меѓународното право и може да претставува воени злосторства и злосторства против човештвото“.

„Одговорните мора и ќе одговараат. Ќе продолжиме да се бориме против неказнивоста и да работиме на целосна одговорност за одговорните на национално и меѓународно ниво“, велат од ЕУ.

Како дел од режимот на рестриктивни мерки посветен на борбата против ширењето и употребата на хемиско оружје и неговите претходници, ЕУ воведе рестриктивни мерки на Русија во врска со нападот во Солсбери во 2018 година и труењето на Навални во 2020 година.

Што се однесува до Сирија, ЕУ воведе рестриктивни мерки за одговорните за развој и употреба на хемиско оружје, особено за три напади во 2013, 2017 и 2018 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.