Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека министрите за надворешни разговарале за можни нови санкции во енергетскиот сектор, но не очекува одлука оваа недела, јави дописничката на МИА од Брисел.

Пред почетокот на министерскиот совет за надворешни работи, повеќе министри на ЕУ изјавија дека поддржуваат воведување санкции врз нафтата, јаглен, а за некои и гасот од Русија. Но Германија, која е многу зависна од рускиот гас, го блокира овој предлог сега за сега.

Шефот на ЕУ дипломатијата, Борел, изјави дека неколку министри ја отвориле темата за време на состанокот во Брисел денес.

Меѓу бројните теми, некои земји членки ја отворија темата поврзана за енергијата, денес не беше ден за одлуки, но оваа и други можни мерки се анализираа. Треба да смислиме ефикасен одговор кој нема да донесе неподнослива цена за земјите членки, изјави Борел.

Тој додаде дека лидерите на земјите членки на крајот на оваа недела на самитот најверојатно ќе разговараат исто така за овие теми и потоа ќе дадат политички насоки, но рече дека не очекува лидерите да се усогласат за нов пакет санкции.

Според некои извори Русија бара укинувањето на санкциите да биде дел од евентуален иден мирен договор, но шефот на ЕУ дипломатијата не сакаше да се произнесе на оваа тема вечерва на прес конференцијата.

Нема да шпекулирам за тоа што ќе се случи со преговорите за прекин на огнот, но инсистирам да се стопира војната. Сите војни имаат крај и тој крај се постигнува преку договор. Првиот чекор е прекин на огнот. Санкциите се начин да се изврши притисок и тие навистина и внесуваат штета на руската економија, рече Борел.

Тој нагласи дека зависноста од Русија се инструментализира од нејзина страна и дека треба да и се стави крај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.