Шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, попладнево предупреди дека војната во Украина и блокадата на извозот на жито се вина на Русија и поради тоа светот се соочува со драматична ситуација, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската унија денеска преку министрите за надворешни работи на ЕУ директно ја обвини Русија за растот на цените и недостигот од прехранбени производи во светот, посебно во најсиромашните земји, како во Африка каде гладот демне.

Русија од своја страна обвинува дека ова е вина на санкциите на Западот против неа.

Борел денеска рече дека „ЕУ треба да се бори против овој наратив на Русија и да ги убеди партнерите во светот, затоа што ЕУ е во право“.

Русија го блокира украинскиот извоз, ги уништува пристаништата и залихите на храна, транспортната инфраструктура, тоа предизвика глобална криза со храна, рече Борел и додаде дека над 20 милиони тони житарици се блокирани во Украина.

За него ова е намерна стратегија на Русија да ја користи храната како оружје за да предизвика глад во светот и да врши притисок.

Борел рече дека Европската унија ќе им испрати писмо на лидерите од африканските земји за да им образложи дека Русија е виновна за кризата, а не санкциите на Западот. До сега африканските земји внимателно се држат на страна од заемните обвинувања помеѓу Западот и Русија. Високи ЕУ претставници го критикуваа и претседавачот со Африканската Унија, Сенегал, затоа што не ја осудува јасно Русија.

Африка се соочува со постојани кризи на глад со децении кои се сега дополнително зголемени од почетокот на војната во Украина. Африка во огромен дел зависи од извозот на житарици од Русија и Украина.

Во писмото до африканските лидери ЕУ во детали ги објаснува санкциите против Русија, во кои не спаѓаат храната и ѓубривото. За Жозеп Борел прстот треба да се впери кон Москва од повеќе причини.

Ако Русија испраќа сигнал дека е опасно да се плови по Црното Море тоа ги зголемува цените на осигурувањето, Русија наложува данок врз извозот, тоа ги зголемува цените, подготвени сме да простудираме, но нашите санкции не се виновни, рече првиот дипломат на ЕУ.

Тој додаде дека светот се соочува со драматична ситуација и дека војната во Украина нема наскоро да заврши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.