Македонецот Борче Ристевски (54) од Мелбурн се изјаснил за виновен за убиство без умисла во врска со смртта на неговата сопруга Карен (47), во пресрет на неговото судење во Врховниот суд на австралиската сојузна држава Викторија, пренесуваат австралиските медиуми.

Обвинителството го повлече обвинението за убиство откако Ристевски се изјасни за виновен, што за медиумите што го следат случајот претставува големо изненадување. Судот, пак, одлучи дека не постојат докази кои покажуваат оти обвинетиот имал намера да ја убие сопругата.

Борче Ристевски со сопругата и нивната ќерка

Ристевски досега тврдеше дека е невин, како што се изјасни и пред судот во Мелбурн, додека неговите адвокати побараа обвиението да биде преиначено во убиство без умисла. Правниот тим на Ристевски посочуваше дека никогаш немало насилни испади во бракот на Борче и Карен, и оти нивниот клиент нема никаква корист од убиството на сопругата.

Борче Ристевски на погребот на сопругата

Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Борче Ристевски и неговата ќерка

Во текот на двонеделното сослушување во пресрет на судскиот процес, судот слушна докази за честите караници на двојката Ристевски поради финансиските проблеми со семејниот бутик и долговите од стотици илјади долари. Борче и Карен се карале, пред таа, наводно, да „излезе на прошетка за да ги разбистри мислите“, утрото кога исчезнала. Ристевски првобитно ѝ кажал на полицијата дека дента работел од дома, за неколку дена подоцна да потврди како го возел автомобилот на Карен, до бензинска пумпа за да наполни гориво, истиот ден кога таа исчезнала. Властите ја оспоруваа приказната на Македонецот од Австралија сметајќи оти возел во националниот парк Маунт Маседон за да се ослободи од телото на сопругата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.