Од почетокот на дистрибуцијата на вакцините низ светот досега за 36 дена се поделени околу 28 милиони дози од вакцините за коронавирус во 46, претежно богати земји во светот, соопшти претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан.

И покрај фактот дека во светот почна вакцинацијата против Ковид-19, Рајан изразува загриженост за брзото ширење на новата, позаразна мутација на корона вирусот во некои земји.

Светските меидуми го пренесоа неговото жалење дека вакцинацијата најмногу се спроведува во побогатите земји.

Мислам дека досега вакциниравме луѓе со 28 милиони дози. Користени се пет различни вакцини и платформи. Во моментов, вакцинацијата се спроведува во околу 46 земји во светот, од кои 38 се богати, а само една може да се нарече многу сиромашна – изјави Рајан.

Според него, постојат земји кои ја сакаат вакцината и таа им е навистина потребна, но дека тие нема да ја добијат доколку СЗО не направи подобра дистрибуција.

Сите мора да работиме повеќе – вели Рајан.

Тој посочи и дека светот влегол во втората година од пандемијата, што може да биде посериозна кога ќе се види колку брзо се шири.

СЗО, во својот последен извештај наведува дека минатата недела биле пријавени околу пет милиони нови случаи на заразени со корона вирусус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.