Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, смета пандемијата во секоја земја ќе заврши во различно време, а, според него, тоа ќе зависи од тоа дали станува збор за земји во развој или побогати држави.

Нацртот за иновации за подобрување на дијагностиката, новите терапии и вакцината, е всушност многу импресивен. И заради тоа, мислам дека пандемијата во голема мерка, особено во богатите земји, би можела да заврши уште кон крајот на 2021 година. Во целиот свет, тој рок ќе биде продолжен до крајот на 2022 година“, истакнува Гејтс во интервју за списанието „Wired“.

Гејтс, кој преку својот фонд финансира медицински истражувања за пронаоѓање на вакцината против корона вирусот, не е претерано оптимист за брзо исчезнување на вирусот. Тој истакнува оти е свесен дека дури и ако се оствари неговото предвидување, пандемијата во многу земји во светот може лесно да се врати.

Гејтс во интервјуто остро го критикува американскиот систем за тестирање на корона вирус и изразува фрустрација за тоа како претседателот Доналд Трамп и неговата администрација се справуваат со целата ситуација. Ова не е прв пат Гејтс да ја критикува работата на администрацијата на Трамп за време на пандемијата.

Тој верува во пронаоѓањето на вакцини, но посочува дека некои вакцини ќе им помогнат само на богатите и во развиените земји ширум светот.

Според првичните податоци за тестирање на вакцини врз животни и податоците за тестирање од првата фаза, се чини дека оваа болест е многу излечива со вакцина – истакнува Гејтс.

Што се однесува до лекувањето на оние кои се веќе заразени, Гејтс зборува за антивирусни лекови како што се ремседивир и кортикостероидот дексаметазон.

Другите антивирусни лекови ќе дојдат за два до три месеци. Веќе имаме некои фактори за подобрување во болниците, поради употребата на ремседивир и дексаметазон. Другите лекови ќе им бидат додадени на гореспоменатите – вели Гејтс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.