Американскиот милијардер и основач на Мајкрософт Бил Гејтс ја прими првата доза од вакцината против коронавирусот.

Тој им се заблагодари на сите луѓе што работеле на правење лекови и вакцини против ковид-19.

Една од придобивките на моите 65 години е тоа што ги исполнувам условите за вакцината против ковид-19. Ја примив својата прва доза оваа недела и се чувствувам одлично. Им благодарам на сите научници, доброволци во истражувањата, регулаторни тела и медицински професионалци што се во првите редови на одбраната и кои нѐ доведоа до овој момент, напиша Гејтс на Твитер.

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс вети нови 250 милиони долари за поевтина и подостапна вакцина против ковид-19.

Најголемата поединечна донација досега доаѓа откако Гејтс веќе даде 70 милиони долари во ноември. Со најновата донација, оваа фондација за борба против пандемијата донираше вкупно 1,75 милијарди долари.

Дали светот ќе стане подобро место за живеење на сите луѓе зависи од тоа што ќе сторат светските лидери за тестовите, лековите и вакцините да станат достапни за оние на кои им се потребни, велат од фондацијата.

Парите ќе бидат искористени за доставување тестови и вакцини во слабо и средно развиените земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.