Повеќе од 20.000 странски борци од повеќе од 50 земји се приклучиле кон украинската армија од почетокот на конфликтот во Украина, објави „Би-Би-Си“.

Извештајот е направен од дописничката на британскиот медиум, Олга Малчевска, која добила пристап до една од тајните бази за обука на Меѓународната легија во источна Украина.

Во извештајот се наведува дека странските борци потпишале официјални договори.

Како што се вели во извештајот, двајца британски војници загинале во конфликтот, но доаѓаат нови борци да се борат на страната на украинските сили.

Новинарката, од разговорот со нив, заклучува дека сите тие имаат различни мотиви да се борат против Русија.

Не е само поради Украина, туку и поради Тајван. Дојдов тука за независност и слобода – вели еден од странските борци.

Деил МекГи престојува во Украина неколку месеци, јавува „Би-би-си“. Пред да се приклучи кон украинската армија, неколку години бил во служба на британската војска.

Работев со татко ми и одеднаш се свртев кон него и му реков: „Тато јас ќе заминам“. Веројатно сите што се тука размислуваат за можноста за смртта. Лично дојдов да помогнам, па ако умрам, тоа е тоа – вели тој.

Руското Министерство за одбрана неодамна објави список на странски платеници кои се борат во Украина.

Според руските информации, во Украина стигнале и 204 „платеници“ од Хрватска, од кои 74 загинале, 167 од БиХ, од кои 51 загинале, 46 си заминале. Од Косово пристигнале 156 лица, од кои загинале 61, а од Албанија 150, од кои 42 загинале.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.