Новиот закон, за кој се тврди дека ќе го зајакне републиканизмот во Франција, веќе неколку месеци е најавуван од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, а се однесува на повеќе социјални аспекти – меѓу нив е и борбата против „исламскиот сепаратизам“.

Предлог законот е веќе усвоен во францускиот Сенат и наскоро треба и официјално да биде усвоен.

Еве што содржи:

– Санкционирање на говорот на омраза со притвор или парична казна

– Контрола на финансирањето на различни организации

– Контрола на таканаречените школувања во тајност или во домашни услови

– Контрола на организациите, меѓу кои се и спортските, за кои се смета дека поттикнуваат сепаратизам

– Санкционирање на докторите со казна од 18 илјади евра ако издадат потврда дека женско лице никогаш немало сексуален однос

– Забрана за полигамија (мигрантите кои ја практикуваат нема да добијат дозвола за престој)

– Уредување на присилните бракови

– Строга контрола на финансирањето на верските организации од странство (ќе мора да се пријавува секоја странска уплата од странство повисока од 10 илјади евра)

– Строги казни за кривични дела кои се доведуваат во врска со верските заедници и за верските лица кои ќе повикуваат на омраза

– Забрането носење на верски симболи за државните службеници, што значи и забрана на носење на хиџаб. Забраната ќе се однесува и на работниците надвор од јавниот сектор, но кои работат во компании кои работат со државата, како на пример транспортните компании.

Францускиот претседател во октомври минатата година изјави дека Исламот како религија е во криза ширум светот и во Франција е потребно да се ослободи Исламот од странското влијание. Но, француските муслимани сметаат дека законот е насочен против нив. За правничката Рим-Сара Алоуан од Универзитетот Тулуз Капитол со законот се напаѓаат граѓанските слободи и не е оневозможена злоупотребата на власта.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.