Европската комисија денеска предложи продолжување на забраната за наплата на мобилен роаминг во ЕУ за уште 10 години.

Унијата во 2017 година се ослободи од таксите, кои претставуваа голема главоболка за корисниците на мобилни телефони што патуваа меѓу европските земји, во потег кој беше оценет како еден од најголемите успеси на единствениот пазар.

Важноста на актуелните правила завршува во 2022 година. Тие сега ќе бидат продолжени за една деценија, како што е предложено од Комисијата.

Крајот на надоместоците за роаминг е одличен пример за тоа како ЕУ држи милиони граѓани поврзани и ги подобрува нивните животи, рече комесарката за конкуренција на ЕУ, Маргарет Вестагер.

Новите правила ќе го поддржат роамингот без дополнителни трошоци и ќе го направат уште подобар, потенцира таа.

Комисијата вели дека новата регулатива има за цел да осигури дека „потрошувачите ќе имаат право да имаат ист квалитет и брзина на поврзување на нивната мобилна мрежа во странство како дома, каде што се достапни еквивалентни мрежи“.

ЕУ појаснува дека укинувањето на давачките го зголеми роамингот на податоци, при што употребата на податоци се зголеми за 17 пати во текот на летото 2019 година во споредба со 2016 година.

Оваа регулатива ги опфаќа и Исланд, Лихтенштајн и Норвешка кои не се членки на ЕУ, но не и Велика Британија откако ќе ја напушти Унијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.