Белоруските власти денеска соопштија дека го блокирале порталот на весникот „Наша Нива“, што е критички настроен кон белорускиот претседател Александар Лукашенко, и притоа го испрашувале главниот уредник. Весникот „Наша Нива“, што е еден од најстарите во Белорусија, известуваше за протестите против Лукашенко минатото лето и беше важен извор на информации за приврзаниците на опозицијата.

Весникот денеска соопшти дека безбедносните сили упаднале во нивните канцеларии и го уапсиле главниот уредник Јахор Марчинович. Неговата сопруга на социјалните мрежи објави дека е уапсен додека го шетал кучето, потоа бил однесен на распит, а нивниот дом претресен.

Белоруското Министерство за информации соопшти дека го блокирало порталот на весникот на барање на главниот обвинител, обвинувајќи го за ширење информации „на организации што не се регистрирани во Белорусија“.

По масовните протести од август минатата година, што беа предизвикани од претседателските избори за кои опозицијата тврдеше дека се наместени, белоруските власти ги замолкнаа речиси сите критички и приватни медиуми.

Во екот на протестите, „Наша Нива“ објавуваше видеа што ја прикажуваа полициската бруталност кон демонстрантите. Полицијата соопшти дека употребувала примерена сила. Весникот објави дека денеска биле уапсени и еден од нивните репортери и еден фотограф, но дека подоцна биле ослободени.

Властите немаа коментар на ова тврдење.

Безбедносните сили денеска извршија претреси и во канцелариите на други три мали регионални медиуми и уапсија неколкумина вработени, пренесоа белоруските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.