Белорускиот претседател Александар Лукашенко за следниот месец свика референдум за уставните амандмани, што би можело да му овозможи дополнително да го зајакне своето владеење и да остане на власт до 2035 година.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, референдумот го закажа за 27 февруари.

Со амандманите повторно се воведуваат ограничувања на претседателските мандати, што беа укинати за време на владеењето на Лукашенко, а со кои сега на претседателот на државата ќе му се дозволуваат само два петгодишни мандати.

Меѓутоа, овие ограничувања ќе стапат на сила само кога новоизбраниот претседател ќе ја преземе функцијата, што му дава шанса на Лукашенко да се кандидира за уште два претседателски мандати, кога неговиот актуелен мандат ќе заврши во 2025 година.

Амандманите, исто така, му даваат значителни овластувања на новото Себелоруско национално Собрание, тело кое номинално ја претставува шареноликоста на белоруското општество, но во минатото главно се состоеше од државни функционери и поддржувачи.

Во предложената ревизија на Уставот се наведува дека законот за тоа како ќе се избираат собраниски делегати ќе биде донесен подоцна.

Собранието би делувало како паралелна структура до парламентот, со широки овластувања за одобрување на надворешната, безбедносната и економската политика. Тоа ќе може да предлага и измени на Уставот, нацрт-закони и да избира членови на Централната изборна комисија и судии од највисоките судови.

Според предложените амандмани, актуелниот претседател автоматски би станал делегат на Собранието од 1.200 места и би можел да претседава доколку биде избран од другите делегати.

Белорусија е погодена од масовни протести по изборите во август 2020 година, кога Лукашенко го освои шестиот последователен претседателски мандат. Опозицијата и Западот ги осудија изборите како фалсификат. Тој брутално ги задуши демонстрациите, во кои полицијата тепаше граѓани и уапси 35.000 лица, па поради тоа многумина беа принудени да побараат засолниште во странство.

За време на овие превирања беа направени предложените измени на Уставот.

Со измените се укинуваат и одредбите за „неутралност“ и „ненуклеарен статус“ на Белорусија. Лукашенко понуди да прифати руско нуклеарно оружје доколку НАТО ги премести американските атомски бомби од Германија во Источна Европа, во најновата серија чекори насочени кон зајакнување на врските со Москва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.