Белоруската aмбасада во Токио упати денеска официјално барање до јапонските власти за информации околу својата атлетичарка Кристина Тимановскаја, која одби предвреме да ги напушти Олимписките игри и побара азил.

Тимановскаја, која денеска требаше да настапи во трката на 200 метри, изјави претходно дека од белорускиот олимписки тим и било наредено да го прекине натпреварувањето и итно со комерцијален лет на компанијата „Туркиш ерлајнс“ да се врати во Минск.

Белоруската 24-годишна спринтерка тоа го одби и побара заштита од јапонската полиција, минувајќи ја ноќта во хотел на токискиот аеродром.

Според извештаите, Тимановскаја денеска ја посетила Амбасадата на Полска во Токио, а францускиот министер за европски прашања Клеман Бон рече дека „би било чест доколу Европа и одобри политички азил на белоруската атлетичарка“.

Паралелно со ова, чешката Амбасада во Токио соопшти дека е во процес на „интензивна комуникација“ со јапонските власти во врска со случајот на Тимановскаја и чека официјален одговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.