Осомничениот за атентатот врз полициски службеници кој рани еден, а уби друг полицаец, претходно во полициска станица барал психолошка помош, јави дописничката на МИА од Брисел.

За потсетување, синоќа околу 19 часот полициска патрола беше нападната во центарот на Брисел од страна на лице наоружано со нож. Тој ги нападнал полицајците, кои веднаш побарале помош. Еден полицаец е ранет, а другиот им подлегна на повредите.

Постои сомнеж дека станува збор за терористички напад, но оваа информација сè уште не е потврдена официјално.

Федералното обвинителство ги информираше новинарите дека непознато лице во четвртокот наутро, околу 10 часот, влегло во полициската станица каде изјавил дека има намера да изврши атентат врз полицајци. Лицето се изразувало некохерентно, споменало „омраза против полицијата“ и побарало да добие психолошка помош.

Полицајците во станицата се обратиле до обвинителството за психијатриски надзор, но добиле негативен одговор затоа што лицето „не ги исполнувало условите“ со оглед на тоа дека „доброволно побарал психијатриска нега“. Осомничениот потоа е одведен во болница, каде останал неколку часа, по што бил пуштен дома.

Подоцна дента е извршен смртоносниот напад врз полицајците.

Федералното обвинителство и бриселското обвинителство ќе одржат заедничка прес конференција во 11 часот денеска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.