Американскиот претседател Џо Бајден одржа говор во четвртокот во кој истакна дека ризикот од нуклеарен армагедон сега е на нивото што последен пат беше забележано во 1962 година, за време на кубанската ракетна криза. Тој тврди дека причина за тоа е фактот што Русите претрпеле огромни загуби за осум месеци од нападот на Украина и дека имаат се помалку воени опции.

„Не сме имале ваква ситуација од Кенеди и кубанската ракетна криза. Путин не се шегува кога вели дека размислува да употреби тактичко нуклеарно оружје за да компензира за неуспехот на неговата војска. Нема шанси тоа да се случи без да резултира со уништување на светот“, рече Бајден.

Русија се уште не ја коментираше изјавата на Бајден, но во меѓувреме реагираше и Белата куќа.

САД немаат нови разузнавачки информации што ги поттикнаа изјавите на Џо Бајден за нуклеарниот „армагедон“, соопшти Белата куќа. Белата куќа додаде дека не гледа причина да го промени својот нуклеарен став.

Тие додадоа дека руските референци за употреба на нуклеарно оружје се неодговорни, но рекоа дека нема индикации дека Москва се подготвува да употреби нуклеарна бомба.

„Коментарите на претседателот Бајден покажуваат колку сериозно ги прифаќа заканите“, се заклучува во соопштението од Белата куќа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.