Најстарата туриристичка агенција во светот „Томас Кук“ пропадна оставајќи стотици илјади патници ширум светот незгрижени, што ќе ја предизвика најголемата мирнодопска операција на враќање луѓе во британската историја.

Ликвидацијата на компанијата, којашто вработува 22.000 луѓе, го означува крајот на една од најстарите британски компании кои започнала со дејноста во 1841 година со организирање локални излети. Преживеала две светски војни, беше зачетник на туристичките пакет-аранжмани и на масовниот туризам.

Компанијата управуваше со хотели, одморалишата и авиони кои опслужуваа 19 милиони луѓе годишно во 16 земји во светот. Во моментов има 600.000 туристи, главно од Британија, Германија и Скандинавија ширум светот, што ги принуди британската влада и осигурителните друштва да ја координираат операцијата за згрижување на клиентите на компанијата од големи размери.

Претседателот на управата на компанијата, Питер Фанкхаузер, со длабоко жалење објави дека компанијата престанала да работи откако не успеала да постигне договор со доверителите во мачните преговори во текот на изминатиот викенд.

Би сакал да им упатам извинување на милионите наши клиенти и илјадниците вработени, добавувачи и партнери, кои нѐ поддржуваа со години. Длабоко жалиме што не бевме успешни“ – се вели во соопштението на Фанкхаузер објавено утринава.

Британската управа за цивилна авијацијата (CAA), објави дека „Томас Кук“ престанал да работи и дека властите имаат во подготовка авиони со кои ќе започнат да ги враќаат во Британија повеќе од 150.000 британски туристи во текот на следните две седмици.

На социјалните мрежи се појавија фотографии од напуштените авиони на „Томас Кук“ кои се тргнати од нивните позиции на аеродромите, како и од вработените кои ги напуштаат. Сите летови се откажани, а патнициет се упатени да не доаѓаат на аеродромите, туку да побараат информации за организација на враќањата на интернет страницата на компанијата.

Британските власти ги контактираат и хотелите во кои се сместени гостите на „Томас Кук“, за да ги известат дека трошоците ќе ги преземе британската влада преку осигурителните друштва. Ова се случи откако во Тунис во хотел се задржани гостите, додека не биде решени проблемот со плаќањето за нивното сместување.

Колапсот на туристичкиот гигант може да предизвика сцени на хаос ширум светот, пишува британската агенција Ројтерс, забележувајќи дека туристите сега во хотелите се во неплатени соби и во далечни дестинации како Гоа, Гамбија или Грција.

„Томас Кук“ се урна под товарот на долговите од 1,7 милијарди фунти, конкуренцијата на он-лајн туристичките услуги, изменетиот туристички пазар на кој не се прилагоди и геоплотичките настани. Минатогодишниот топлотен бран во Еропа, на пример, создаде загуби поради откажувањата на патниците од резервациите.

Компанијата во август годинава постигна договор со кинескиот акционер „Фосун Туризам“ и групата банки и сопственици на обврзници за финсиска инјекција од 900 милиони фунти. За возврат, кинеската компанија требаше да стане сопственик на најмалку 75 отсто од уделите во турустичките активности на „Томас Кук“ и на 25 отсто од уделите во воздухопловниот сектор на компанијата. Другите удели требаше да им припаднат на кредиторите и сопствениците на обврзниците. Компанијата во последниот момент се соочи со новите барања да пронајде дополнителни 200 милиони фунти, за да постигне договор со заемодавците за докапитализацијата која требаше да помогне да ги намали долговите и да го преброди зимскиот период на слабата побарувачка на патувањата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.